Барселона во последната минута го освои Веспрем, Кил заслужено триумфира со ПСЖ

Веспрем и Барселона го одиграа дербито на деветтото коло во групата Б на Лигата на шампионите, а како поуспешен излезе шпанскиот тим, кој славеше со конечен резултат 30-31. Гостите имаа предност на паузата (15-17), а во вториот дел публиката беше сведок на голема драма.

Неизвесноста траеше до самиот крај, Веспрем беше во егал-ситуација (29-29), но во последните две минути Барселона го зададе круцијалниот „удар“. Каталонците поведоа со 29-30, а Веспрем немаше намера да се предаде и во последната минута повторно израмни, но Барса одново постигна гол во последните секунди и на крајот запиша минимален триумф со конечни 30-31. Најефикасен во редовите на Веспрем беше Недим Ремили со шест голови, додека кај Барселона најрасположен ракометар беше Гомез Абељо, кој запиша осум погодоци. 

Во натпреварот од групата А, каде настапува и Еурофарм Пелистер, екипата на Кил успеа да се избори за голем триумф над ПСЖ и славеше со конечен резултат 26-24. Парижаните успеаја да се вратат по негативата на паузата, но сепак немаа сили за комплетен пресврт. 

Кил подобро одигра во првиот дел и на паузата водеше со 13-9, но во второто полувреме ПСЖ стави во полна брзина и успеа да ја надополни негативата. „Светците“ влегоа во последните три минути со резултат 23-23 и се понадеваа дека ќе можат да направат комплетен пресврт, но Германците во завршните моменти беа поконцентрирани и заслужено го затворија мечот со конечни 26-24. 

Швеѓанецот Екберг постигна шест голови за германскиот тим, а кај ПСЖ ист учинок имаше Гребиј, кој беше најрасположен во гостинскиот состав.