Барселона уште во Франција ја оправда улогата на фаворит и е пред ново учество на Ф4 во ЛШ

Екипата на Барселона ја оправда фаворитската улога и со сигурна победа од 30-32 на гостувањето кај Нант направи голем чекор кон пласман на завршниот турнир во Келн во рамки на Лигата на шампиони.

Каталонскиот гигант славеше со два разлика, во натпревар во кој домаќинот парираше само во првото полувреме. Нант одигра храбро и ефикасно во првите триесет минути, па на паузата имаше минимална негатива (18-19), во дел од играта во кој беа постигнати дури 37 голови.

Сепак, во второто полувреме темпото опадна, а Барселона подобро се снајде и во таквата игра и заслужено славеше со два гола разлика (30-32). Со оваа победа, Барселона е на чекор до ново учество на Ф4 турнирот во Келн, додека Нант ќе има тешка задача во реваншот да ја надомести негативата.

Алеиш Гомез со девет гола беше нерешлива енигма за домашната екипа, додека на спротивната страна Одриозола постигна шест, а по пет погодоци запишаа Ривера и Турна.