• Мартин Танасковски
Француски Нант дојде до второто одличје во Лигата на шампионите. По среброто во 2018 година кога во тимот беше Кирил Лазаров, екипата ја освои бронзата со победа над шпанска Барселона (30-25) во „малото финале“ во Келн. Во „Ланксес Арена“, Нант имаше контрола на играта, а партија налик МВП имаше голманот Иван Пешиќ кој заврши со 14 одбрани.
Дуелот на двата поранешни тима на македонската легенда Кирил Лазаров тргна во знакот на Нант. Францускиот тим на стартот избега на 4-1, но Барселонаа потоа возврати со три гола во серија и израмни на 4-4. Потоа следеше нова серија на Нант, со која тимот се одлепи на 10-5, предност од пет гола која ја сочува и на паузата (14-9). Главен играч кај францускиот претставник беше голманот Иван Пешиќ, кој забележа десет одбрани во првиот дел и е запишан како главен виновник за позитивата.
Во вториот дел Нант не падна на кондициски план, иако Барселона беше закана во еден момент. Имаа Французите 19-13, потоа и 20-14, па почнаа да грешат и Нгесан и Ричардсон ги донесоа Каталонците на само минус три (22-19). Но, кога и да се доближеше Барселона, Нант имаше одговор, па резултатот гласеше 25-20, па Ортега повика тајм-аут.
На влезот на последните пет минути на семафорот стоеше 28-23 за Нант, Брие доби директен црвен картон заради остар старт, а Ортега го искористи последниот тајм-аут. Сепак, работите резултатски не се променија до крајот, иако Барселона се обиде да направи голем притисок.
Најдобар стрелец кај победникот беше Одриозола со шест гола, а Ривера, Абди и Турнат имаа по четири гола. Кај Барселона, Ричардсон имаше осум, а Мем пет гола.
ФОТО: EHF Champions League / kolektiff