• Мартин Танасковски
Вештачката интелигенција сѐ повеќе наоѓа примена во спортот, а последниот пример доаѓа од Европската ракометна федерација (ЕХФ), која со помош на „ЧатГПТ“ направи аналитичка проценка за шансите на клубовите да ја освојат Лигата на шампионите во новата сезона.
Македонија ќе има претставник во името на Еурофарм Пелистер кој се наоѓа меѓу аутсајдерите во ова рангирање. Тимот доби 0.08% шанси за освојување на трофејот, што е претпоследен пласман во целата анализа. Зад битолчани остана само норвешки Колштад со 0.06%.
На спротивниот крај од табелата, најголем фаворит за титулата е Барселона со 26.2% веројатност, а веднаш зад неа е актуелниот европски првак Магдебург со 19.7%. Интересно е што германскиот Фуксе, иако нема освоено титула во ова натпреварување, според пресметката добива 22.5% шанси. Унгарски Веспрем, клуб кој традиционално важи за еден од најсилните претенденти, е оценет со 10.3%.
Новата сезона во Лигата на шампионите стартува на 10 и 11 септември, а Пелистер ќе има навистина тешка задача во групната фаза. Македонскиот претставник ќе се соочи со неколку ракометни гиганти: Магдебург, Барселона, Пари Сен Жермен, Висла Плоцк, ГОГ, ПИК Сегед и Загреб.

