Душебаев трагичар за Киелце, Барса испиша историја и ја одбрани титулата во ЛШ!

Барселона испиша историја и по 11-ти пат стана шампион на Европа! Втората последователна титула во Лигата на шампионите ја освои со минимална победа над Киелце (37-35) во денешното финале на завршниот турнир во Келн. Каталонците станаа првата екипа која ја одбранила титулата откако е воведен завршниот турнир.

Каталонскиот тим прв прими погодок, а потоа направи серија со која го презеде водството на почетокот од мечот. Брзиот центар претставуваше проблем за одбраната на полскиот гигант. Меѓутоа како што одминуваше времето, избраниците на Талант Душебаев како да наоѓаа решение за шпанскиот напад. Тоа донесе егал завршница на првото полувреме. Расположен за игра беше крилото Алеиш Гомес Абељо. Неговата реализација во последните секунди донесе минимална предност за бранителот на тронот по воведните триесет минути во „Ланксес Арена“ (14-13).

Брзото темпо продолжи и во вториот дел. Барса не отстапи од својот стил на игра и постојано се обидуваше експресно да одговори на секој погодок на противникот. Киелце градеше подолги напади и инсистираше на бавна организација. Гонзало Перез де Варгас во неколку наврати спречи полскиот тим да стигне до два гола позитива, дури и успеа да го спречи обидот на Морито од седум метри. 

Техничките грешки беа честа појава меѓу ракометарите на Душебаев во последните петнаесет минути. На спротивната страна Андреас Волф беше на посакувано ниво, па мечот влезе во драматична завршница. Подолго време се играше гол за гол, а тогаш исклучување во лош момент заработи Томаш Гебала. Пенал реализира Абељо за минимално водство на Барселона, а потоа Киелце направи грешка во напад, што не беше казнето од Дика Мем. Душебаев побара тајм-аут, а потоа последниот напад го реализира Артсем Каралек за конечни 28-28.

Првите пет минути минаа во знакот на Шпанците, кои стигнаа до гол предност. Полскиот клуб се врати во игра, а по пеналот на Морито првпат поведе во второто продолжение. Мем беше на нивото кога беше најпотребно и израмни на 32-32, а во последниот напад Алекс Душебаев промаши, па победникот се одлучуваше по шутирање на пенали. Актерите немаа промашување по првите две серии, а потоа Перез де Варгас му одбрани на Алекс Душебаев. Тоа беше момент на одлука, па Барселона се израдува во Лигата на шампионите втора година во низа. Алеиш Гомез со девет гола беше најзаслужен за славјето на каталонскиот гигант, а кај противникот дури шест играчи постигнаа по четири погодоци.