Барселона ја пикира замената за Мем, но ќе биде тешко да ја добие

Барселона веќе активно ја крои иднината без еден од своите клучни ракометари. По завршувањето на следната сезона, каталонскиот гигант ќе се раздели со Дика Мем, еден од најдобрите играчи на својата позиција, а процесот на пронаоѓање соодветна замена е во полн ек.

Според информациите, највисоко на листата на желби на „блауграна“ се наоѓа Франсиско Коста од Спортинг Лисабон. Португалецот со своите настапи одамна го привлече вниманието на европските великани, а во Барселона го гледаат како идеален профил за пополнување на празнината што ќе ја остави Мем. Сепак, оваа опција е и најкомплицирана, бидејќи Коста има договор со Спортинг до 2030 година, што значи дека Каталонците би морале да издвојат сериозна сума на име отштета.

Како алтернативи се споменуваат уште две имиња. Данскиот репрезентативец Мадс Хоксер, кој настапува за Aлборг, е веќе докажан на меѓународната сцена и би можел брзо да се вклопи во системот на Барса. Во игра е и младата шпанска надеж Маркос Фис од Гранољерс, кој важи за еден од најталентираните ракометари од новата генерација и би претставувал долгорочна инвестиција за клубот.