Барселона го расипа последниот танц на Карабатиќ и обезбеди место на Ф4

Ракометарите на Барселона ја комплетираа четвртфинална мисија во Лигата на шампионите и со втора победа над ПСЖ (32-31) си обезбедија пласман на завршниот турнир кој ќе се одигра во „Ланксес Арена“ во Келн. 

Каталонскиот гигант имаше осум гола предност уште по првиот натпревар во Франција, а сега само го потврди веќе започнатото и стигна до нов триумф над „светците“ од Париз.

Барса водеше со 17-12 на паузата меѓу двете полувремиња, а во вториот дел одигра рутински и доволно за го завери пласманот меѓу четирите најдобри во елитното натпреварување. На крајот конечниот резултат гласеше 32-31, а најефикасен во победничкиот тим беше Дика Мем со седум голови. 

Ова воедно беше последен натпревар во елитниот ранг за легендарниот француски репрезентативец , Никола Карабатиќ (два гола), кој заминува во пензија по завршувањето на сезоната.