• Саше Љолес
Ракометарите на Барселона се искачија на европскиот трон по тринаесетти пат во историјата, откако го совладаа тимот на Фуксе Берлин со конечни 37-34 (20-16) во финалето на Лигата на шампионите на ЕХФ.
Шпанскиот гигант прикажа одлична игра во двете полувремиња, па откако ја создаде првата поопиплива предност, потоа ја зголемуваше разликата, стигнувајќи до +6 голови во 39. минута. Се обидоа Германците да сторат нешто повеќе, „се разбуди“ и Матијас Гидсел, кој стигна до петтиот погодок во овие моменти, но јасно беше дека мисијата ќе биде многу тешка до крајот.
Фуксе малку се одржуваше во игра и со одличните одбрани на Дејан Милосављев, а потоа стигна и до -3 во 46. минута (27-24), што доведе со тајм-аут на клупата на Барса. Малиот одмор ѝ даде на Барселона позитивен моментум, се врати Дика Мем, стрелаше и Луис Фраде, а дополнителен мотив даваше и добрата одбрана на каталонскиот гигант.
Сепак, видовме одличен одговор на Фуксе, бундеслигашот се врати на само -2 во 54. минута, внесувајќи неизвесност за завршницата. Германците беа во налет, но Блаж Јанц беше во супериорен ритам кај Барса, подели уште една прекрасна асистенција за Фраде, со што беше даден знак дека шпанскиот гигант го држи фокусот за последните пет минути.
Следуваше игра „гол за гол“ во следната минута, но Фраде беше феноменален и постигна уште еден погодок од линијата. Гидсел се трудеше со сите сили да одигра квалитетно, го држеше својот тим, изнуди седмерец и обезбеди напад за само еден гол негатива. Наместо тоа, Фуксе му ја подари топката на Петар Цикуша, кој одново погоди за +3 во 59. минута, ставајќи печат на победата на Каталонците, кои само дополнително ја продлабочија легендата како најтрофеен тим во елитното натпреварување.
Најдобар поединец кај победничкиот тим беше Луис Фраде со стопроцентен учинок (7/7), а на спротивната страна, осум погодоци постигна Матијас Гидсел.

