Барселона го договори „новиот Балиќ“ за наредната сезона

Познатиот ракометен портал „Балкан Хендбол“ пренесува дека талентираниот играч на Целје Пивоварна Лашко, Домен Макуч, од наредната сезона ќе го носи дресот на Барселона.

19-годишникот има квалитети кои ја тераат јавноста да го споредуваат со големиот Ивано Балиќ. Неговата игра потсетува на „магионичарот“ од Хрватска, што можеби е голем притисок за еден така млад ракометар, кој допрва ќе треба да се развива и да покажува што знае.

Неколку повреди му застанаа на патот во младата кариера, но 17-те гола во тековната сезона за словенечкиот клуб докажуваат дека се наоѓа на вистинскиот пат.

Макуч има договор со Целје до 2022 година, но Барселона ќе плати обештетување за да ја победи конкуренцијата. Веќе од поодамна тренерот Чави Пасквал го доведе Блаж Јанц, а дресот на Барселона го носи уште еден Словенец, десниот бек Јуре Доленец. Најголем успех во кариерата на Макуч е освојувањето на трофејот на У20 Европското првенство во 2018 година.

Барселона е лидер во АСОБАЛ лигата, го освои АСОБАЛ Суперкупот, Суперкупот на Каталонија, ИХФ Суперглоуб, а се пласира и во четвртфиналето на Лигата на шампионите.