• Саше Љолес
Ракометарите на Барселона го оправдаа фаворитскиот статус и го победија ПИК Сегед со 31-28 во натпреварот од четвртото коло во Лигата на шампионите на ЕХФ.
Шпанскиот гигант долго се трудеше да го скрши отпорот на гостите од Унгарија, а ПИК Сегед прикажа одлична игра и внесе огромна неизвесност во последните минути. На паузата Барса водеше со 14-13, а во вториот дел имаше и највисоки +4.
ПИК Сегед не се предаваше лесно и се држеше во игра до самиот крај. но Барселона успеа да ја сочува предноста и го впиша третиот триумф во групата Б, каде се натпреварува и нашиот Еурофарм Пелистер. По шест гола за каталонскиот гигант постигнаа Фабрегас и Торебејано.
Хрватски Загреб беше многу близу до голем бод на гостувањето кај францускиот ПСЖ, но потклекна во самиот финиш и загуби со 35-32. Феран Соле беше феноменален кај „светците“ од Париз - постигна десет голови од исто толку обиди.
Во натпреварот од групата А, Фуксе Берлин потешко од очекуваното го совлада тимот на Динамо Букурешт со конечни 32-31, а Веспрем славеше против Киелце со 35-33.





