Барселона брка израмнување на рекорд кој го држи заедно со Металопластика

Циндриќ

Ракометарите на Барселона запишаа победа во двомечот против Флензбург и одново се пласираа на завршницата во Лигата на шампионите.

Каталонскиот гигант ги доби двата натпревари со бундеслигашот и рутински се најде меѓу најдобрите четири екипи на стариот континент. Во Келн ќе игра за одбрана на титулата која лани ја освои со триумф над Алборг во големото финале. 

Барса стигна до четвртото последователно учество на Ф4-турнирот. Со тоа одново започна серија, која пред повеќе од две децении гласеше шест пласмани во низа во завршницата од сезоната во елитното натпреварување. Толку има и Металопластика, а по пет имаат Целје, Сиудад Реал и Кил.

Покрај шпанскиот клуб на завршниот турнир оваа година во „Ланксес Арена“ ќе учествуваат Кил, Киелце и Веспрем.