Барса рутински се справи со Порто, ПСЖ му се реваншира на Киелце

Екипата на Порто забележа уште еден висок пораз во Лигата на шампионите. Можеби не како оној претходниот од Веспрем од пред една седмица (26-40), но сепак убедлив. Подобар од португалскиот шампион беше тимот на Барселона, кој пред својата публика славеше со 40-33, во дуелот од 12. коло на групата Б.

Каталонците уште во првото полувреме ја завршија својата задача и со дваесет постигнати гола и пет разлика ја потврдија фаворитската улога. Најдобар поединец во таборот на Барса беше Мелвин Ричардсон со седум гола, а еден помалку имаше Алеиш Гомез. Нашиот репрезентативец Никола Митревски зад своето име запиша шест успешни интервенции.

Вечерва се одигра и последниот натпревар од 12. коло од групата А, во која претходно Еурофарм Пелистер беше поразен од Кил со 29-23. Францускиот шампион ПСЖ покажа квалитет во вистински момент и му се реваншира на Киелце за поразот во нивното прво овосезонско соочување. 

Тимот на Раул Гонзалез славеше со 35-26, а прв стрелец за парижани беше Тонесен со шест, а по пет погодооци постигнаа Пранди и Шипжак. Кај Киелце се истакна Сичко со седум гола.