Барса промаши пенал за реми, Магдебург првпат ја освои Каталонија

Во дуел што ќе остане запаметен во клупската историја, германскиот шампион и актуелен европски првак Магдебург оствари историска победа на гостински терен кај каталонскиот гигант Барселона, триумфирајќи со 22-21. Ова е првпат Магдебург да слави во „Блауграна“, што го прави успехот уште повреден.

Клучен човек на натпреварот беше голманот Сергеј Ернандез, кој со фантастична интервенција го одбрани пеналот на Баруфет по истекот на последната секунда и донесе ерупција од радост кај германската екипа.

Магдебург во финишот имаше резултатска контрола – на осум минути до крајот водеше со 21-18 и делуваше дека победата е сигурна. Но, тогаш започнаа грешките на гостите, што Барселона знаеше да го искористи. Јанц и двапати Н’гесан погодија, израмнувајќи на 21-21. Решавачкиот погодок за Магдебург го постигна Кристјансон во 57. минута. Возбудата не заврши тука. Магнусон промаши пенал и му даде надеж на домашниот тим, но ниту Јанц не реализираше. Барселона доби уште една шанса од линијата за седум метри, но Баруфет не успеа да го совлада Ернандез.

Кај каталонците, најистакнат беше Гомез со седум погодоци, а голманот Нилсен се запиша со 13 интервенции. Кај победничката екипа, Магнусон постигна шест гола, но токму блескавите 15 одбрани на Ернандез беа пресудни за големиот триумф.