Барса постигна договор со Хановер, Ортега три години на чело на европскиот шампион 

Сагата околу преминот на Антонио Карлос Ортега во Барселона е пред сам крај. Како што најавува „Мундо Депортиво“, раководството на каталонскиот гигант веќе постигна договор со Хановер и шпанскиот стратег по завршувањето на сезоната во Бундеслигата се враќа во татковината. 

Откако Чави Пасквал најави заминување од кормилото на Барселона, токму Ортега се споменуваше за прв фаворит за негов наследник. Оваа информација ја потврди и претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, но германскиот клуб експресно реагираше, затоа што Ортега сè уште е под договор со Хановер и бараше оштета од 500.000 евра.

Сепак, според информациите на „Мундо Депортиво“ двете страни конечно најдоа заеднички јазик и наскоро 49-годишниот стратег ќе потпише тригодишен договор со Барселона. 

Инаку, сега веќе поранешниот предводник на шпанскиот тим, Пасквал, со стил се прости од Барселона, односно со титула во Лигата на шампионите.