Барса подобра во репризата од ланското финале, сигурен настап на Магдебург

Дика Мем

Барселона го надигра Киелце на домашен терен (32-28) во реприза од ланското финале во Лигата на шампионите. Каталонскиот тим направи висока разлика во првиот дел и потоа се одбрани од нападите на полскиот шампион.

Гостите се држеа добро до резултат 10-10. Тогаш Барса влезе во серија и стигна до солидна позитива по првото полувреме (18-13). Следуваше обид на тимот на Талант Душебаев да одговори. Притисокот на полскиот тим му донесе мало намалување на негативата. Меѓутоа не беше доволно за да се направи пресврт. Лудовик Фабрегас постигна шест, а Дика Мем и Алеиш Гомез се надоврзаа со по пет погодоци. 

Во вториот дуел Магдебург беше убедлив против ППД Загреб (35-25). Актуелниот германски шампион остана перфектен по две кола во елитното натпреварување и застана на врвот на табелата, заедно со Веспрем, кој во тековното коло славеше над Порто. Тим Хорнке блесна со единаесет погодоци за домашната екипа.