• Мартин Танасковски
Екипата на Барселона го победи полски Киелце (33-30) во „малото финале“ на Супер Глоуб турнирот и остана традицијата каталонскиот гигант да завршува на подиумите кога се говори за ова натпреварување.
Рекоредерот кој важеше за прв фаворит за титулата испадна во полуфиналето, па како утеха ја грабна бронзата. До резултатот Барселона дојде со кам-бек, затоа што на паузата губеше со 14-16, пред се поради проблемот со техничките грешки.
На стартот на вториот дел Перез де Варгас влезе во серија, Барселона направи серија од 3-0 и го сврти мечот во своја корист. До највисоката предност шпанскиот тим дојде во 45. минута кога имаше 26-22.
Перез Де Варгас го заврши натпреварот со 14 одбрани, а кај стрелците Дика Мем имаше осум гола. Во редовите на Киелце, Симон Сичко даде шест, пред Даниел Душебаев со пет постигнати гола.
Во мечевите за пласман, петтото место го освои Ал Ахли со победа над Ал Калеј (35-34), а седмото место ѝ припадна на екипата на Ал Кувајт преку Ал Наџма (29-24). Деветти заврши Ал Нор со победа против Сан Франциско (29-24), додека единаесеттото место му припадна на Сан Фернандо со победа над Универзитет Квинсленд (39-28).