Барса пак го совлада Флензбург и обезбеди „виза“ за во Келн

Шпанска Барселона одигра максимално ангажирано на домашен терен и со втората победа над бундеслигашот Флензбург (27-24) обезеди место на Ф4-турнирот и завршницата во Лигата на шампионите.

Кога и Флензбург да гостувал во Шпанија, си одел со наведната глава. Така беше и сега, во натпревар во кој каталонскиот тим си ја реши работата во второто полувреме. Првиот дел понуди мал број на голови (10-10), а разликата вредна триумф се направи кога од 24-23, шпанскиот првак замина на 26-23.

Најдобар стрелец на мечот кај Барса беше Дика Мем со шест гола, пред Бенали со пет, додека Циндриќ реализира четири пати. Кај Флензбург, Ване имаше шест погодока, пред Сван и Гоља со по четири погодоци.

Покрај Барселона, на Ф4-турнирот во Келн ќе играат уште полски Киелце и унгарски Веспрем во чии редови настапува Дејан Манасков. Последниот патник ќе го даде натпреварот меѓу Кил и ПСЖ кој се игра вечерва, а ќе го судат најдобрите македонски арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.