Барса пак го доби дербито со Кил и остана максимална во ЛШ

Ракометарите на Барселона го добија дербито против Кил со 29-25 (13-12), во рамките на групата Б во Лигата на шампионите. Дуелот на ракометните гиганти долго беше неизвесен, ама каталонскиот тим беше подобар во завршницата и ги освои бодовите. 

Кил подобро го отвори дуелот и имаше стартна предност, а го контролираше резултатот речиси цело полувреме. Сепак, во финишот на првиот дел, Барса успеа со серија од 4-0 да стигне до првата осетна позитива, но на пауза имаше минимална предност (13-12). 

По полувремето Барса и Кил продолжија да играат во егал. Барселона успеа да го „скрши“ натпреварот со неколку мини-серии, кои пред финишот ја донесоа и до највисоките +5, кога веќе беше јасно дека Германците ќе загубат во „Блауграна“. 

Најефикасен играч на средбата беше Лудовик Фабрегас од Барса со шест погодоци, додека Миха Зарабец од Кил имаше пет. Со по четири голови имаше повеќе ракометари меѓу кои Арињо, Доленец, Макуч од Барса, а Екберг и Рајнканд од Кил. Сандер Сагосен беше запрен на три реализации, што можеби беше меѓу клучните елементи во победата.