Барса одигра перфектна сезона и израмни рекорд на Металопластика

Барселона

Барселона е новиот освојувач на трофејот во Лигата на шампионите. За каталонскиот клуб ова е десетта титула во историјата, остварена на доминантен начин и без ниту еден пораз.

Сезоната за ракометарите на Чави Пасквал беше перфектна. Тие одиграа 60 натпревари и победија на сите од нив. Во елитното натпреварување имаа 20 противници и успеаја да слават на секој натпревар.

Тоа ѝ овозможи на Барса да стане само втората екипа која победила на сите меча во една сезона во Лигата на шампионите. Претходно тоа му успеало на „дрим-тимот“ на Металопластика во сезоната 1984/85.

Победата со тринаесет гола разлика е највисока во историјата на финалните натпревари. Рекордот до оваа сезона беше во сопственост на Монпеље кој пред 18 години го надигра Портланд Сан Антонио со 31-19.

Најзаслужен за успехот на најважниот меч во сезоната беше Перез де Варгас. Голманот блескаше во полуфиналето и финалето, па на крај заслужено си замина дома со МВП наградата.