Барса на погонот на Мем го освои Сегедин

Екипата на Барселона се избори за голема гостинска победа во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако на гостински терен кај ПИК Сегед славеше со 24-27.

Натпреварот во Унгарија мина онака како што се очекуваше – со многу борба, бројни технички грешки и блесок на голманите. Во првиот дел водството наизменично се менуваше, а повеќе од еден гол предност имаше само домашниот тим, кога во финишот поведе со 10-8. 

До крајот на полувремето Барса намали на еден негатива, а на стартот од вториот дел ПИК Сегед конечно влезе во посакуваната серија и за првпат се одлепи на три гола. Но, ниту тоа не беше доволно за домашно славје, затоа што каталонскиот гигант се разигра во клучниот период и со 5-2 во завршницата се избори за голема победа и три гола предност за реваншот пред домашната публика (24-27).

Најзаслужен за победата на шпанскиот тим беше Дика Мем со десет погодоци, од кои три токму во моментите кога се кршеше резултатот. Одличен кај Барса беа и Фраде и Н’Гесан со по шест гола, а за Сегед прв стрелец беше Шоштaриќ со осум погодоци.