Барса единствена со „пет од пет“, Алборг доби лекција во „Палау Блауграна“

Барселона ракомет

Екипата на Барселона остана единствена екипа со перфектни пет победи од исто толку натпревари во новата сезона од Лигата на шампионите. Тимот на Чави Пасквал си поигра и со Алборг (42-33) и се искачи на врвот на табелата на групата Б со максимален број бодови.

По убедливото издание против ППД Загреб и постигнатите 45 гола, каталонските ракометари и денес покажаа дека располагаат со феноменална офанзива. Денес исто така ја надминаа границата од 40 погодоци и испратија јасна порака до сите ривали во натпреварувањето.

Данскиот првак парираше во првиот дел и до некаде одговараше на сите голови на фаворитот. На пауза замина со прифатливи -2 (20-18), но потоа наиде на еден расположен противник кој немаше милост до крајот на натпреварот.

Како што одминуваше времето никој немаше дилема околу името на победникот. Се чекаше само да се види колкава ќе биде разликата со која ќе биде изразен поразот на Алборг. По четири победи на стартот од сезоната, Стефан Мадсен и неговите ракометари влегоја во мини-криза која гласи два негативни резултати во низа.

Мем и Јанц со по шест реализации беа најефикасни кај Барса, а кај гостинот прво име беше Јул-Ласен со пет гола.