Барса доаѓа во Скопје во топ-форма, победи во шпанското дерби со 14 разлика

Ракометарите на Барселона ќе пристигнат во Скопје на дуел против Вардар со голема самодоверба, откако по неделната победа над Киелце во Лигата на шампионите, вечерва во „Палау Блауграна“ го совлада тимот на Натурхаус Ла Риоха со убедливи 45-31 (20-16).

Избраниците на Чави Пасквал доминираа, посебно во второто полувреме, и стигнаа да заштедат сили пред дуелот со Вардар в недела од 17:00 часот. Најефикасни поединци во каталонскиот табор беа Дуарте и Томас со по шест и Раул Ентрериос со пет погодоци.

Кај гостите од Логроњо се истакнаа Кузан со четири гола, а по три запишаа Баленсиага и Мореира. На табелата во АСОБАЛ лигата, Барса е неприкосновена со девет победи од исто толку натпревари и максимални 18 бода.