Барбара и Вук Лазовиќ во пакет се селат во ЦСМ Букурешт

Романскиот шампион ЦСМ Букурешт во следната сезона слободно може да го промени името во ЦСМ Вардар. Засега, три ракометарки од актуелниот „црвено-црн“ ростер се селат во романската престолнинa: Драгана Цвијиќ, Јованка Радичевиќ и Андреа Лекиќ ќе бидат „тигрици“.

Имаше шанси да им се приклучи Андреа Пенезиќ, но присуството на Кристина Неагу на таа позиција беше решавачко за хрватската интернационалка да го одбере унгарскиот Шиофок. Но, затоа шансите да им се приклучи Барбара Лазовиќ, значително се зголемени во последниот период.

Пред еден месец тоа се чинеше како нереална опција, но сега има засилен бран на шпекулации. Но, не е само Барбара во договорот. Нејзиниот сопруг, Вук Лазовиќ, поранешен играч на Вардар, кој игра во романскиот Дунареа Калараши, би требало заедно со неа да стане дел од семејството ЦСМ Букурешт. 

Понудата е на маса, на нив двајцата останува да решат дали ќе го потпишат договорот. На десната бековска позиција во ЦСМ Букурешт, моментално играат Лине Јоргенсен, Камил Ајглон и Аманда Куртовиќ. Јоргенсен ќе оди во Одензе, Ајглон се сели во Нант, па Лазовиќ ќе го формира дуото со Куртовиќ во следната сезона.

Во следните денови би требало да дојде до потврда за овој трансфер.