Баранау го „растури“ Спартак, Мешков убедлив среде Москва

Ракометарите на Мешков Брест ја впишаа осмата победа во новата сезона на СЕХА лигата, откако на рутински начин го средија рускиот претставник во ова натпреварување, Спартак Москва, со резултат 26-34 (13-17).

Белорускиот шампион според очекувањата одигра доминантен натпревар, а на рускиот паркет блескаше Максим Баранау, кој беше нерешлива енигма за домашната одбрана. Уште од самиот старт Мешков наметна темпо на игра кое беше недостижно за Русите, па веднаш се одлепи на изразита позитива, која не ја испушти до самиот крај. 

На полувреме се замина со 13-17 за гостите, додека со идентичен резултат заврши и вториот период во кој шанса за докажување добија сите ракометари на Мешков, од кои само двајца не успеаја да се запишат во листата на стрелците. 

Баранау натпреварот го заврши со 13 гола од 16 обиди, Валипау постигна четири, додека три запиша Паниќ. Кај домашната екипа прв стрелец беше Фокин со шест гола.