• Горан Упале
Првиот дел од сезоната во Лигата на шампионите е пред самиот крај. Преостанува уште едно коло, по кое екипите од елитата ќе заминат на зимски одмор. Тоа значи дека македонскиот шампион, Еурофарм Пелистер ќе ја има последната шанса за први бодови по кам-бекот во елитата по пауза од скоро две децении.
Факт е дека „зелено-белите“ се најдоа во исклучително тешка група, против многу гиганти на европскиот ракомет, но нивната желба, како и на цела ракометна јавност во Битола и Македонија, е извојување на барем една победа. Многумина сметаат дека таа ќе дојде вечерва, во балканската пресметка во Битола против Загреб.
Такви беа и предвидувањата по завршувањето на ждрепката, но Загреб со игрите во групата, одново покажа дека се работи за исклучително силен тим, кој никако не треба да се потцени. Овој факт им е јасен и на сите во таборот на Еурофарм Пелистер, а тренерот Ангеловски истакна дека според него пласманот на загрепчани во следната фаза не е доведен во прашање.
Во првото нивно соочување оваа сезона, Загреб славеше со убедливи 27-18, но резултатот не ја отсликува целосната слика од настаните на тој натпревар, затоа што пелистерци беа рамноправен противник до 45. минута, по која паднаа и дозволија висок триумф на домаќинот.
Македонскиот шампион сè уште е без бод во групата А, додека Загреб има осум, собрани со три победи и две реми средби.