Бадијала блескаше Жерар, Германија во луд меч ја исфрли Франција од ОИ!

Како и на првото четвртфинале меѓу Египет и Шпанија, драма и продолженија го дадоа полуфиналистот на олимпискиот ракометен турнир. Ако во јануари во Берлин, француските ракометари ја совладаа Германија во групниот сегмент, момците на Алфред Гисласон возвратија среде Лил и тоа многу поважен натпревар. Ракометарите на Германија ја издржаа драмата и по продолженија славеа против Франција со 35-34 во четвртфиналниот натпревар на Олимписките игри. Пресметката во „Пјер Мороа“ пред полните трибини со француски навивачи гледаа спектакуларен натпревар во кој гостинот во последната секунда се избори за продолженија, а потоа во нив дојде и до пласман во полуфинале.

Стартот на средбата беше израмнет, а по воведното водство на Франција, првпат на мечот предност имаше и Германија (4-2). Се испостави дека тоа беше и единственото германско водство до пред самиот крај на мечот. Французите полека се наметнаа, по некое време игра егал почнаа да градат предност. Како што одминуваше времето, инспирирани од расположениот Винсен Жерар домаќините се одлепија на пет разлика, а на одмор се замина со 14-17. Второто полувреме тргна со три врзани гола на избраниците на Гијом Жил за максимални „плус шест“ (14-20). Тоа како да беше повик за будење на Германците кои успеаја да се консолидираат. Предноста почна полека да се топи, со неколку мини-серии пријдоа на минимален дефицит.

На влезот во последните десет минути избраниците на Гисласон успеаја да дојдат до егал, а од втор обид по пресврт и до прво водство по долго време (26-25). Французите потоа израмнија, а Жерар вторпат му одбрани пенал на младиот Гргиќ. Драмата продолжи, Мем даде тежок гол и пак поведоа, а потоа по неколку долги напади немаше реализација на двете страни, бидејќи голманите беа на врвно ниво. 

Важен момент беше пеналот кој го реализира Деска за 26-28 на две ипол минути пред крајот. Гисласон свика тајм-аут и тргна со „седум на шест“, а искусниот Колбахер избори седмерец кој Ушчинс го реализира. Одново во клучен момент и тешка позиција на спротивната страна гол даде Мем. Германците не се откажаа, на шест секунди пред крајот ривалот изведуваше од центар, Мем беше веднаш опколен и погреши, а Кестер фрли контра за Ушчинс кој погоди за продолженија (29-29). 

Немаше француската дефанзива решение за Ушчинс кој редеше голови, но имаа и решение за своите напади. Првото продолжение мина израмнето и заврши со 32-32. Во решавачките пет минути продолжи огромната борба, проблем за Французите беше исклучувањето на Деска и фатот дека речиси до крај ќе играат со човек помалку. Германците одбранија долг напад со човек повеќе на теренот, но по одбраната на Шпет топката пак ја собра Мем. Во продолжениот напад Ремили од девет метри израмни на 34-34. На спротивната страна Ушчинс погоди за 34-35, а француската контра ја одбрани голманот на Германија за триумф.

Перфектна офанзивна партија со 13 реализации имаше Ренарс Ушчинс, а кај Французите со десет се истакна Дика Мем. Кога сме кај голманите, луда партија запиша искусниот Винсен Жерар со неверојатно 24 интервенции, а неговиот колега Шпат на спротивната страна собра 13 одбрани.