• Горан Упале
Ракометарите на Прилеп одиграа уште еден драматичен натпревар како оној со Пролет во првото коло, но овој пат се радуваат на првата победа, откако во Куманово славеа со минимални 35-36 (14-15).
- Комплетниот натпревар меѓу Куманово и Прилеп:
Дуелот на кумановчани и прилепчани во целост го оправда епитетот дерби за што подобар пласман во плеј-аутот, бидејќи во Куманово се водеше голема ракометна битка, крунисана со многу возбудувања, неизвесност до самиот крај и херојска победа на гостинските ракометари.
Покрај жестоката борба во кумановската сала, во која домашните навивачи приредија одлична атмосфера и им даваа голема поддршка на своите ракометари, натпреварот го одбележа и најголемото засилување на Куманово ова лето - Каио Винициус де Соуза Мораис. Бразилецот одигра неверојатен натпревар и покажа зошто е донесен во Куманово. Натпреварот го заврши со фантастични седумнаесет гола, девет во првото и осум во второто полувреме.
Но, симултанката на Мораис не беше доволна за домашно славје, затоа што во самиот финиш прилепчани покажа поголема смиреност и квалитет и со гол на Квастек на десет секунди до крајот стигнаа до заслужена победа од 35-36.
Покрај бразилскиот десен бек, одличен во поразениот тим беше Димевски со девет гола. Кај Прилеп најпрецизен беше Шабановиќ со десет гола, а два помалку постигна Рајатовски.