• Зоран Мишевски

Ако првото полувреме беше до некаде рамноправно, во вториот дел Еурофарм Пелистер целосно се „распадна“ и убедливо загуби на гостувањето во Манхајм против Рајн Некар Левен со 28-20. „Лавовите“ на Швалб се растрчаа, а пелистерци заглавија во нападот.
Токму во тој правец одеше анализата на хрватскиот тренер Жељко Бабиќ по натпреварот.
„Сакам да им ја честитам победата на Рајн Некар и на тренерот Швалб. Вечерва ја заслужија, а наша најслаба страна вечерва беше играта во напад. Прававме многу грешки во нападот, а ако сакате да играте сериозен натпревар против Рајн Некар Левен мора да играш многу подобро во напад. Во одбраната игравме многу добро.
Сепак, и покрај сè, беше задоволство да се игра вечерва против Рајн Некар Левен и овој натпревар ќе ни биде од голема корист пред наредните натпревари“, рече тренерот на битолчани.
Со лет преку Штутгарт делегацијата на Еурофарм Пелистер утре се враќа во Битола и веднаш почнува да го подготвува натпреварот против Тримо Требње следниот вторник во Словенија.