Бабиќ: Се радувам на овој дуел, страшно важно ни е што ќе играме со РНЛ! (ВИДЕО)

Како да им се вратија кошмарите од минатата сезона на фановите на Еурофарм Пелистер, откако двапати во првите два натпревари екипата на Жељко Бабиќ ја испушти предноста, како што тоа му се случуваше на тимот на Алушовски минатата сезона.

Хрватскиот стручњак зборуваше за тренажниот процес, климата во соблекуваната и очекувањата од дуелот со фаворитот во групата. 

„Бевме под корона во минатиот период, но мене не ме загрижува падот во вториот дел од натпреварот против Кадетен Шафхаузен. Тоа е нормално. Игравме добро во првиот дел, водевме, но потоа паднавме физички и не издржавме. Момците дадоа што имаа, но нетренирањето и коронавирусот оставија трага“, смета Бабиќ.

Тренерот на пелистерци вели дека голем успех е што екипата се враќа веднаш да игра нов натпревар, а не да паузира како минатиот месец.

„Што се однесува до натпреварот во Германија, Рајн Некар Левен е фаворит, силна екипа и лидер во Бундеслигата. Но, јас се радувам на натпреварот, нам ни е страшно важно да играме, не треба да заборавиме дека сме потполно во контра ритам. Немаме натпревари, не трениравме и нам сè ни е добро, без разлика што Рајн Некар Левен е силен тим.

Се надевам дека ќе одиграме како и секогаш цврста одбрана. Притисокот мислам дека нема врска ни за нас, ни за нив. Треба да бидеме опуштени за да го дадеме максималниот потенцијал. Но, верувам дека притисокот нема врска и секој ќе го даде максимумот“, ни рече поранешниот хрватски селектор.

По чудните резултати во првите три кола, нејасна и комплицирана е ситуацијата во групата, но Бабиќ предност им дава на две екипи пред останатите. 

„Како што реков на почетокот. Германците и Данците се фаворити во групата, а трите останати екипи и ние сме со сличен квалитет. Дефинитивно влијанието на короната е голем. Татабања која е добра екипа, пред неколку дена загуби на домашен терен. Сите екипи се приближни и детали ќе одлучуваат на крај“, заврши Бабиќ.

  • Видео изјавата на Жељко Бабиќ: 

Европската ракометна федерација пред неколку дена ги одреди официјалните лица за натпреварот од четвртото коло од групата Д на Лига Европа меѓу претставникот на Германија, Рајн Некар Левен и македонскиот Еурофарм Пелистер.

Овој натпревар ќе се игра утревечер во „САП Арена“ со почеток од 20:45 часот, а судии ќе бидат Швеѓаните Aндреј и Сандро Смаилагиќ. Делегат на европската ракометна федерација ќе биде Ерман Вулф од Германија.