Бабиќ позитивен на ковид-19, екипата во Магдебург ќе ја води Мојсов

На малерите на Еурофарм Пелистер им нема крај, па покрај повредите и поразите, ги снајде и позитивен тест на коронавирус на нивиот тренер Жељко Бабиќ. Имено, Хрватот синоќа го дозна позитивниот наод на својот тест пред патувањето во Магдебург и остана во Македонија.

„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека при последното тестирање на ковид-19, неопходно за патувањето на екипата во Магдебург, тренерот на екипата Жељко Бабиќ е позитивен на ПЦР тестот. Се работи за асимптоматски случај и Бабиќ веќе е во карантин. Наместо него екипата во Магдебург ќе ја водат неговите помошници Божидар Мојсов и Ице Соколески. Бабиќ ќе ги пропушти и натпреварите против Младост Богданци (Куп) и Татран Прешов (СЕХА лига). Клубот му посакува брзо оздравување и враќање на работното место. Исто така известени се претставниците на Вардар 1961, со кои Еурофарм Пелистер играше натпреварот од плеј-офот на Суперлигата во саботата“, се вели во соопштението на клубот.

Еурофарм Пелистер е пред елиминација од Европската лига, бидејќи на првиот осминафинален натпревар загуби со осум разлика во Битола од германски Магдебург.