Бабиќ: Исполнив една мисија, донесов трофеј во нашата Битола

Жељко Бабиќ го освои првиот трофеј со Еурофарм Пелистер на домашната сцена, откако во рамки на Суперкупот битолчани славеа над големиот ривал Вардар 1961 (22-31). По мечот, хрватскиот стратег истакна дека е среќен што успеал да донесе титула во Битола, што е одлична најава за сезоната која следи.

„Мислам дека ние добро го искористивме отсуството на низата играчи од Вардар и секако дека поголемата ротација го одлучи победникот. Имавме и добри голмани. Одигравме во доста висок ритам. На сите ни беше сон да дојдеме до титула, можам да кажам дека ја исполнив едната своја мисија, да освоиме еден трофеј за нашата Битола. Се радувам за тоа“, изјави Бабиќ по натпреварот.

Вардар и Еурофарм Пелистер по Суперкупот се насочуваат на Струшкиот турнир, каде ќе играат натпревари со ривали од Македонија, како подготовка за домашната сцена и за настапите во Лигата на шампионите, односно Европската лига на ЕХФ.