Австрија загуби на кондиција, Германија близу до втората фаза на ЕП

Австријците немаа сили за цел натпревар да ѝ парираат на подмладената Германија, па попуштија во завршницата и убедливо загубија со 34-29 (15-16). Дуелот кој се одигра во „Ондреј Непала Арената“ во Братислава понуди неизвесен прв дел, ама потоа и пад во кондицијата на Австријците, па затоа и заслужен пораз. 

Иако репрезентацијата на Австрија тргна одлично и поведе со 3-0, следеше враќање на „панцерите“. Сепак, со добра игра на ривалот германските ракометари беа во подредена улога. На пауза репрезентативците од Австрија заминаа со минимално водство од 15-16. 

Ситуацијата конечно се промени во второто полувреме. Германците заиграа посигурно и со неколку мини-серии ја презедоа предноста. Австријските ракометари немаа решение за расположените противници, полека гледаа како натпреварот им „бега“ и мораа да се помират со пораз кој на крајот беше доста висок. 

Со девет погодоци најефикасен играч на дуелот беше Тимо Кастенинг од Германија, додека кај Австријците блесна Никола Билик со седум погодоци.

Германија со две победи е пред втората фаза на Европското првенство, додека Австрија во последното коло ќе се бори да го избегне последното место со Белорусија. Само чудо може да ги спречи „панцерите“ да се пласираат во втората групна фаза, бидејќи треба да се исполнат доста речиси невозможни фактори.