Австрија и Полска ќе ја предизвикаат подмладената Германија, Белорусија аутсајдер

И покрај големиот притисок и новиот бран на ширење на коронавирусот, најдобрите ракометни селекции на Стариот континент одново ќе бидат заедно и во Унгарија и Словачка ќе се борат за европскиот трон. 24 селекции, поделени во шест групи, од 13 јануари ќе ја започнат ракометната битка. Домаќини на Европското првенство ќе бидат пет градови, а во Братислава ќе се играат натпреварите од групата Д која ја сочинуваат Германија, Австрија, Полска и Белорусија.

Група Д:

Без разлика со какво состав отпатува на овој шампионат, селекцијата како Германија никогаш не треба да е потцени. Земјата каде што се игра најквалитетниот клупски ракомет во светот, во минатото многупати покажала дека и кога игра без најдобрите, знае да направи голем резултат. Германскиот селектор Алфред Гисласон се соочи со многу откажувања, неколку клучни ракометари поради различни причини решија да не играат на овој собир, па затоа фокусот ќе биде ставен на младите ракометари, кои во иднина треба да бидат костурот на селекцијата. Германија за две години е домаќин на следното ЕП, па турнрот во Унгарија и Словачка ќе биде вистински тест за силите на младите „панцири“.

И покрај подмладениот состав, Германија важи за главен фаворит за првото место во групата, а битката за втората позиција се очекува да биде многу интересна и неизвесна. Можеби најголеми шанси за тоа второ место има селекцијата на Австрија. Еден од домаќините на претходното ЕП има тим кој е во постојан раст во последните години. Составена од ракометари кои играат во Бундеслигата и предводени од Билик од Кил, нема да биде изненадување ако Австрија остане подолго од очекувањата на овој собир.

Полска веќе подолго време се мачи да ги пронајде или произведе вистинските наследници на Биелецки и Јурецки, па затоа и сега ќе настапи со млади сили и Михал Олејничак како прва ѕвезда на тимот. Иако има 20 години членот на Киелце зад себе веќе има еден европски шампионат и од него се очекува да биде водечка сила на селекцијата во битката за втората позиција во групата Д. 

Се чини дека Белорусија е со најмали шанси за втора фаза од оваа група. Селекцијата предводена од Јуриј Шевцов го игра шестиот континентален шампионат во низа, но не се верува дека може да направи нешто повеќе и на овој. Микита Вајлупов е првата ѕвезда на овој состав, ракометар кој игра фантастично во последните сезони и на претходното ЕП беше втор најдобар стрелец, но крилото на Мешков Брест нема соодветна подршка од соиграчите и поради тоа Белорусија е сместена на аутсајдерското место во групата Д.

14 јануари:
Германија - Австрија
Полска - Австрија

16 јануари:
Германија - Австрија
Белорусија - Полска

18 јануари:
Полска - Германија
Австрија - Белорусија