Австрија е „нагазната мина“ во последното коло од групата Б за Македонија

Ракометната селекција на Австрија, иако на досегашните големи натпреварувања била аутсајдер, пред домашна публика ќе брка историски пласман на Европското првенство. Многумина ја сметаат за лесен залак за Македонија, но во последното коло од првата групна фаза ќе биде многу тешко против домаќинот во Виена. 

Најискусните наши ракометари веќе се сретнаа со Австрија на Мундијалот во Катар, кога под водство на Ивица Обрван, идентично како и сега во последното коло, славевме со 36-31.

Последниот противник на нашата селекција од групата, на ова натпреварување се пласира директно, без квалификации поради тоа што е еден од трите организатори на турнирот. Сепак, Австрија има неколку имиња на кои противниците ќе мора да внимаваат. 

Пред се тука е 34-годишниот Роберт Вебер од Магдебург, кој има 169 настапи и 743 погодоци во репрезентативниот дрес, а игра на позицијата десно крило. На спротивната страна натурализираниот Раул Сантос собра преку 300 голови во 81 натпревар. 

На бековските позиции најдобри поединци на Австрија се Никола Билик со 241 погодок, како и поранешниот играч на Металург, Јанко Божовиќ со 370 постигнати голови. Меѓу стативите на оваа селекција е искусниот Томас Бауер, кој со Порто бележи одлични резултати сезонава во Лигата на шампионите. 

За Австрија ова е четврто учество на Европските првенства, а сите се од 2010 година па до денес. Најголем успех Австријците постигнаа во дебито на домашен паркет, кога стигнаа до деветтата позиција. Во 2014 година ја минаа првата фаза и се пласираа на 11-тата позиција, а на минатото првенство во Хрватска завршија како 15-ти, без пласман во втората рунда.