Атмосферата е на високо ниво, Турција е вистинскиот испит за оваа Македонија

Ракометната репрезетнација на Македонија успешно ја заврши својата прва задача во квалификациите за следното Европско првенство, кое во 2024 година треба да се одигра во Германија.

Нашите избраници рутински го совладаа составот на Луксембург, но сега пред нив е вистинскиот предизвик во квалификациската група, затоа што ќе се сретнат со директниот конкурент за првите две места, кои што водат на континенталниот собир. Македонија гостува кај Турција, селекција која што забележа висок пораз во воведното коло и од Португалија се врати со 44 гола во сопствената мрежа.

Но, високиот пораз на Турците не треба да нè залажува дека работата е завршена. Напротив, и репрезентативците и селекторот Кирил Лазаров повикаа на претпазливост, сметајќи дека Турција во Португалија не го покажа вистинското лице и ги штедеше силити токму за денешниот натпревар во Ван.

Во однос на средбата со Луксембург, Лазаров направи неколку измени во својот состав. Во селекцијата се враќа Дејан Манасков, кој сигурно дека ќе биде големо засилување, а меѓу патниците се најдоа и Томовски, Петров и Младеновиќ. Во Скопје останаа Марко Кизиќ, Марко Стојковиќ, Марко Митев и Петар Атанасијевиќ. 

Традицијата од меѓусебните дуели со Турција е на наша страна, бидејќи на последните пет натпревари имаме само еден пораз, а оваа година на Медитеранските игри славевме со убедливи 22-31. Дуелот во Ван е закажан за 16:00 часот.