Атман: Вардар е мој нов клуб, се надевам ќе се вратам „во живот“!

Павел Атман, средниот бек и руски репрезентативец, е новото засилување на Вардар. Човекот кој некогаш беше миленик на публиката на Металург сега ќе го облече „црвено-црниот“ дрес а доаѓа како слободен играч.

Атман беше член на Хановер, но имаше многу проблеми со повредите. Во изјава за „РусХендбол“, тој потврди дека доаѓа во Вардар и искрено се надева дека ќе биде во добра форма за актуелната сезона.

„Среќен сум затоа што по тешки моменти во мојата кариера имам шанса да дојдам во Вардар, тим кој ја освои Лигата на шампионите. Гледам напред само позитивно, разговаравме со управата, со тренерот и се надевам дека ќе се вратам „во живот“ и ќе ја имам мојата стара форма. Се надевам дека црниот период во мојата кариера ќе ааврши. Хановер очигледно не беше мој клуб, а Бундеслигата не беше моја. Се надевам дека се ќе биде во ред во Вардар“, изјави Атман.

Атман ќе биде петтиот Русин во редовите на македонскиот тим по Тимур Дибиров, Сергеј Горбок, Сергеј Гопишин и Даниил Шишкарев.