Атанасовски: Настапот на Супер Глоб за мене е голем плус и искуство

Неофицијалното Светско клупско првенство во ракомет, Супер Глоб денес ќе го добие својот првак. Пред големото финале, се разигруваше за финален пласман. На овој турнир во Дамам, Саудиска Арабија, за екипата на Мудхар како позајмен настапи Стефан Атанасовски од Вардар. Во тимот на Кастратовиќ, младиот кружен напаѓач дојде за настап на турнирот, по што ќе се врати во Скопје. 

Екипата на Мудхар денес загуби од Ал Куваит и го освои десетото место на Супер Глоб, а тоа беше и последен настап за Атанасовски. Самиот ракометар ги сподели импресиите и се заблагодари на клубовите.

„Две седмици пред турнирот, дознав за шансата да играм на Супер Глоб. Кога се извлече групата бев среќен, бидејќи одлично искуство е да се игра со португалска Бенфика или Ал Ахли од Египет. На средбите против тие квалитетни ривали дадовме сè од себе и се држевме колку што можевме. Овој турнир е голем плус за мене, одлично искуство. 

Благодарен сум на Вардар што ми даде шанса да играм на Супер Глоб и ме пушти среде сезона. Исто така, сакам да се заблагодарам и на играчите на Мудхар кои одлично ме примија“, ни изјави Атанасовски.

Пред Атанасовски сега се предизвиците во Суперлигата на Македонија, во исчекување на стартот на новата сезона во СЕХА лигата со Вардар 1961.