• Иван Димовски
Ракометарите на Тиквеш запишаа победа од 33-29, против Кремс во првиот дуел од втората рунда на ЕХФ Купот. Пресметката во салата „Јасмин“ во Кавадарци беше вистински спектакл, пред полни трибини, со песните на најверните „Лозари“. А, ракометарите, ја оправдаа довербата и се радуваа на кам-бекот по повеќе од една деценија на евро-сцената.
Средбата тргна со израмнета игра, екипите се надигруваа и беше егал. Кавадарчани по десетина минути игра почнаа да се наметнуваат, првпат направија мини-серија од 3-0 и поведоа со 8-5. Австријците како да паднаа во атмосферата и иако беа тука некаде уште кратко, потоа следеше дополнително одлепување за домаќинот. Тиквеш се разигра дополнително, одново врза три гола во низа и со нив дојде на 15-8. Ани и Симиќ го предводеа тимот со своите мајстории.
Сепак, следеше серија од 8-3 на Кремс со која се врати неизвесноста. Така на полувреме се замина со активни 19-16 и уште многу работа за Тиквеш во продолжението.
За среќа тимот од Кавадарци одлично отвори и иако прв прими гол, со четири погодоци во низа пак дојде на солидни плус шест. Кремс не запре, бркаше резултат, се обидуваше да се наметне, ама не му одеше од рака. Најблизу во вториот дел гостинот стигна на три гола негатива, во неколку наврати на средината на полувремето. Тиквеш се консолидира пред крајот, со нова серија од 4-0 се одлепи и обезбеди помирна завршница во Кавадарци. Сепак, Кремс успеа да стопи неколку гола во завршницата и Тиквеш во Австрија ќе патува со плус четири.
Најефикасен играч на средбата беше Обина Ани кој постигна десет погодоци, додека Страхиња Симиќ даде седум. Во гостинскиот табор по пет дадоа Симек, Розман, Аус и Хесечиќ.