Ангола ѝ ја искомплицира работата на Словенките, Аргентина конечно победи

Словенија

По двата порази на стартот од Светското првенство, репрезентацијата на Ангола ги запиша првите бодови и ја изненади Словенија (24-33) во третото коло од групата А.

Овој резултат е голем проблем за словенечките ракометарки, кои сега ќе мора да се надеваат на кикс на фаворитите за да обезбедат пласман во нокаут фазата. Денес, избраничките на Урош Брегар тотално потфрлија и беа надиграни од разиграниот противник. 

Во првиот дел имаше мала неизвесност, но секоја дилема за победата беше елиминирана во продолжението. Афричкиот претставник се одлепи на двоцифрена позитива и на крај полесно од очекуваното стигна до првата победа на Мундијалот во Јапонија.

Азенаиде Карлос со шест гола ја водеше анголската селекција до првиот успех на СП. 

Аргентина одигра ефикасен меч против Кина (28-34) и остана во игра за следната фаза. Елке Карстен имаше симултанка и со 12 гола беше најдобар поединец на теренот.