Ангола е лесен залак, Франција го потврди учеството меѓу осумте најдобри

Репрезентацијата на Франција го задржа максималниот ефект во групата Б на Олимписките игри и славеше со убедливи 38-24 над селекцијата на Ангола. 

„Триколорите“ уште во првото полувреме ја најавија тоталната доминација, а во вториот дел само рутински ја довршија работата. На паузата Французинките водеа со 18-14, а потоа само ја зголемуваа разликата која на крајот беше изразена со дури четиринаесет голови. 

Ангола комплетно се распадна во последните десетина минути од мечот, а Франција го искористи тоа на максимален начин и сосема заслужено го впиша четвртиот триумф во групата, кој ѝ гарантира учество меѓу осумте најдобри во Париз. 

Најефикасна ракометарка кај Франција беше Канор со седум гола, Хорасек додаде еден помалку, додека кај африканската селекција најмногу се истакнаа Ненганга и Паскоал со по пет погодоци. „Триколорите“ во последното коло ќе се соочат со грогираната Шпанија и ќе имаат можност да ја завршат групата на првата позиција.