• Иван Димовски
Ракометарите на Еурофарм Пелистер запишаа втор сезонски пораз во Лигата на шампионите, на првиот домашен меч против Фуксе Берлин (22-30). Немаа сили битолчани за подвиг и изненадување против големиот германски фаворит. Премногу грешки во нападите беа пресудни и берлинци убедливо победија.
По натпреварот, на прес-конференцијата се обрати тренерот на битолчани Бранислав Ангеловски, кој кажа:
„Честитки до Фуксе за победата и одличната игра. Загубивме од подобар противник, кој добро играше во сите 60 минути и го искористи нашиот пад. Мислам дека во првиот дел се скрши натпреварот, кога од минимална негатива паднавме и ги казнија грешките. Сметам и убеден сум дека премногу промашувавме зицери од шест метри, а тоа даде свој тон на победата на ривалот. Имаме уште многу за играње, радува тоа што добивме уште еден играч од нашата школа. Задоволен сум од прикажаното на нашите млади играчи и се надевам на уште подобри игри од нив во иднина“.
На 26 септември пелистерци му одат на гости на Динамо Букурешт, тим кој има две победи на стартот на сезоната, а во меѓувреме македонскиот првак го чека дуел против Бисинов.