Ангеловски: Враќањето на Кузмановски е одлично за клубот, но и за цела Битола!

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранислав Ангеловски, изјави дека е презадоволен од ангажманот на Филип Кузмановски и рече дека овој потег на управата е одличен, како за клубот, така и за цела Битола. 

„Доаѓањето на Кузмановски е супер-потег на управата и мислам дека овој трансфер е многу важен, не само за нашиот клуб, туку и за цела Битола, која е воедно и негов роден град. Филип се враќа во матичниот клуб и со него сигурен сум дека полесно ќе стигнеме до целите, кои и сезонава не се воопшто мали. Ќе водиме тешка битка во плеј-офот со Алкалоид, Вардар и останатите, но размислувавме на оваа тема многу порано и среќен сум што толку успешен играч и спортист како Кузмановски, доаѓа во нашиот клуб.

Имаме цел да создадеме една силна ултра-македонска екипа која би била помогната од квалитетни странски засилувања. Оваа година имаме дури 12 интернационалци, но ни требаат наши македонски играчи. Будно ја следиме формата на сите наши репрезентативци, па се надевам дека во иднина ќе бидеме уште поконкурентни во силните европски лиги“, заклучи Ангеловски. 

Еурофарм Пелистер во следното коло од Лигата на шампионите повторно ќе се соочи со екипата на ПИК Сегед, но овој пат во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Актуелниот македонски шампион сѐ уште нема забележано ниту еден триумф и ќе ги бара првите бодови во групата против унгарскиот претставник, од кого загуби со 34-26 во претходната рунда.