• Мартин Танасковски
Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер со пораз ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите. „Зелените“ не успеаја да дојдат до резултат на гостувањето кај Пари Сен Жермен (31-29) во Франција и така го доживеаја третиот пораз од Французите во третата меѓусебна средба во елитата.
Тимот на Бранислав Ангеловски се бореше до крајот за позитивен резултат против ѕвездениот тим на Раул Гонзалез, од минус осум се дојде на минус еден пред самиот крај, но францускиот тим не даде шанса барем за реми.
„Пред натпреварот си ветивме борба до последната секунда. Кога ПСЖ водеше со седум и со осум гола, ние покажавме карактер и квалитет. Горд сум на изданието на моите играчи во Париз“, кажа тренерот Ангеловски по мечот.
Во следното коло од Лигата на шампионите Еурофарм Пелистер на домашен терен игра со бундеслигашот Фуксе Берлин, додека ПСЖ го чека гостување кај Веспрем во Унгарија. Мечевите во втората рунда од ЛШ се играат за седум дена.