Ангеловски: Секој противник е како европски првак, не треба посебна мотивација за Киелце

Македонскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер, е пред ново гостување во Лигата на шампионите. „Зелено-белите“ в четврток ќе истрчаат на жешкиот терен во Киелце и ќе се обидат да го освојат првиот бод во елитата.

Тренерот Бранислав Ангеловски вели дека прес себе имаат европски гигант против кого не им треба посебна мотивација.

„Екипата на Киелце е составена од голем број на индивидуалци, кои прават огромна слика на колективна игра. Предводени се од еден од најдобрите тренери во светот. Посебна мотивација за Киелце не треба да имаме, бидејќи во Лигата на шампионите за нас секој натпревар мотивира. За нас секој противник е еднаков на европски шампион. Самиот факт дека парираме во одреден дел од натпреварот за нас е успех. Ни фали нешто што со пари не можеме да го купиме, а тоа е времето. Сигурен сум дека овие натпревари ќе донесат искуство за моите ракометари и во понатамошниот дел на сезоната ќе играме на повисоко ниво и ќе ја радуваат нашата јавност и верните симпатизери.

На првиот натпревар во Битола се обидовме да се прилагодиме на нивната агресивна игра. Во првиот момент беа агресивни, посебно на позициите 2 и 5 и затоа инсистирав на игра „седум на шест“ за да ги спуштиме нивните халфови. Секој натпревар е нова приказна, ќе видиме како ќе отвориме и потоа како ќе играме“, вели Ангеловски.

Тренерот на пелистерци потенцираше дека полскиот првак има толку многу солуции, што не може да се издвои прв или втор тим, повеќе или помалку важен играч.

„Против ПИК Сегед не бев фокусиран на играта на сите противнички ракометари. Бев фокусиран на Мацковшек, на Мартинс, на Бомбач, на Бодо, но на крај играч кој е трет ешалон дојде да решава во игра „седум на шест“. Во овие европски гиганти на секоја позиција играат ракометари од светска класа. Очекувам дека Киелце ќе игра во најсилен состав, ќе играат и Алекс Душебаев и Сичко и ќе бидат најдобриот тим. Да не заборавиме дека на голот се враќа Волф“, заврши Бранислав Ангеловски.

Натпреварот меѓу Киелце и Пелистер се игра в четврток, со почеток од 20:45 часот.