Ангеловски: Обврска ни е да одиграме најдобро на последниот домашен меч

Ракометарите на Еурофарм Пелистер влегоа во пеколен ритам и немаат многу време за одмор, па веќе в среда ги очекува нов натпревар од Лигата на шампионите во Битола против Алборг.

Данскиот гигант доаѓа како апсолутен фаворит, меѓутоа тренерот на битолчани Бранислав Ангеловски најави борба и достојно затворање на сезоната дома во ова натпреварување. 

„Мислам дека обврска ќе ни биде да покажеме најдобра игра на последниот домашен натпревар. Тоа ни е обврска кон градот, навивачите. Ова е дуел со можеби еден од најдобрите ривали во групата. Несомнено е зошто се на врвот со Кил. Тие доаѓаат од државата на еден европски, светски и олимписки шампион, со играчи како Хансен, Ландин и со многу ѕвезди во надоаѓање. Мора да уживаме и да дадеме максимум. Можам да ветам дека ќе се бориме до крај против овој ракометен гигант. Тие први натпревари беа почеток на нашата игра во ЛШ. Можам само да кажам дека бевме во грч и трема поради големите ѕвезди. Тоа е минато, не би се осврнувал кон првиот натпревар. Сметам дека сега овој меч ќе биде поинаков“, започна Ангеловски.

Меѓу другото, предводникот на пелистерци се осврна и на тешкиот натпревар против Охрид пред неколку денови во кој неговиот тим со голем пресврт дојде до бодовите. 

„Натпреварот со Охрид е нешто друго, тука имаме право да погрешиме, додека во првенството немаме право на такво нешто. Тие дојдоа подготвени, долго беа насочени кон нас, а ние имавме кратко време по тешко гостување во Кил. Горд сум на играчите што покажаа карактер“

 Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Алборг в среда се игра во терминот од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“.