Ангеловски: Игравме против најдобриот тим во светот, не сум задоволен од првото полувреме

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го впиша дванаесеттиот пораз во сезоната во Лигата на шампионите. „Зелено-белите“ немаа сили за изненадување на гостувањето во Кил и загубија со 29-23.

Бранислав Ангеловски, тренерот на битолчани, по средбата во Германија му честита на домаќинот за победа и му посака на крајот од сезоната тие да се радуваат на трофејот во Лигата на шампионите.

„Сакам да изразам честитки на сите играчи и стручниот штаб на Кил за денешниот натпревар. Одигравме против, според мене, најголемиот тим на светот. Ја знаеме нивната моќ.

Во првото полувреме не бев задоволен од нашата игра, бидејќи имавме многу конфузија, отворени шутеви и технички грешки и така невозможно е да се игра така против тим каков што е Кил.  Во второто полувреме одигравме подобро, но противничкиот голман не беше импресивен како во првото полувреме. Сакам Кил да ја освои титулата во Лигата  на шампионите сезонава, бидејќи мислам дека го заслужува тоа“, рече Ангеловски.

Еурофарм Пелистер до крајот на сезоната во Лигата на шампионите треба да одигра уште два натпревари – против Алборг во Битола и против Колштад на гости.