• Зоран Мишевски
Бранислав Ангеловски, предводникот на Еурофарм Пелистер смета дека в среда треба да биде ракометен празник во Битола. Македонскиот шампион им се враќа на обврските во Лигата на шампионите и во салата „Боро Чурлевски“ ќе гостува моќниот тим на ПСЖ.
„В среда треба да биде празник на ракометот во нашиот град. Доаѓа една од најдобрите екипи, со најдобрите ракометари и не можевме да посакаме подобар тајминг. Доаѓаат по успесите на Европското првенство. Пристигнува Никола Карабатиќ во последната играчка сезона и посебно ми е драго за тоа.
Лигата на шампионите е секоја година се појака, но ПСЖ е сигурно е еден од фаворитите. Имаат одлична екипа, играат брза транзиција, брза полуконтра и организиран брз центар. Имаат играчи од светска класа на сите позиции и ќе ми биде задоволство да се натпреваруваме со такви величини на играчи и тренери“, смета Ангеловски.
Тренерот на битолчани верува дека по победата на Вардар 1961, францускиот гигант доаѓа во вистински момент.
„Имавме тежок распоред, во три дена играме два битни натпревари. Секој натпревар против Вардар е тежок и има своја историја. Веднаш по Европското првенство, за десетина дена не е лесно да се подготвиш. Употребувавме некои работи кои ќе ги користиме и против ПСЖ. Се обидовме да спремиме тактика за двата натпревари. Победата против Вардар многу ни значи и затоа ПСЖ ни доаѓа во вистински момент. Со помош на исполнетата сала и навивачите, ќе имаме „ветер во грб“, и верувам дека ќе ги повториме игрите од последните натпревари во Лигата на шампионите“, заврши тренерот на битолчани.
Пелистер со позитивни вибрации ќе истрча на битолскиот паркет против моќниот француски тим, затоа што избраниците на Ангеловски во саботата извојуваа голема победа над Вардар во домашниот шампионат.