Ангеловски: Чупиќ, Дибиров и Гојун се стратешките позиции на Загреб

Еурофарм Пелистер ќе го дочека Загреб во рамките на десеттото коло на Лигата на шампионите. Македонскиот првак брка први бодови во елитното натпреварување, а токму во мечот против хрватскиот шампион се гледа потенцијална шанса. 

На прес-конференцијата пред натпреварот со загрепчани се обрати тренерот Бранислав Ангеловски. Тој сепак најави дека гостинот е многу квалитетен противник, со млади играчи и потенцијал за иднината.

„Загреб има одлична млада генерација, која во иднина ќе биде добар тим на ракометните терени. Имаат спој на младост и искуство. Кога зборувам за искуство мислам на Диборов, Чупиќ и Гојун. Тоа се трите стратешки позиции кои ја прават одбраната толку хомогена и густа. Нема да биде лесно да ја разбиеме таа одбрана.

Загреб игра константно добро и за мене не е во прашање и нивниот пласман во следниот круг на Лигата на шампионите. Фасцинираат нивните игри, но имаат и маани, на кои ние ќе обрнеме внимание во овие следни два дена и ќе бидеме спремни максимално за нивната игра и во напад и во одбрана“, рече Ангеловски. 

 Пресметката во салата „Боро Чурлевски“ е закажана за в четврток во терминот од 18:45 часот.