Ангеловски: Цел е да бидеме подобри во сите сегменти, вклучувајќи ги и резултатите!

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранислав Ангеловски, даде свој коментар по ждрепката за групите на Лигата на шампионите. Предводникот на македонскиот првак истакна дека ЕХФ ја препознала сериозноста на клубот и тоа претставува одговорност да се биде подобар во новата сезона.

„Повторно сме во кремот на европскиот и светскиот ракомет и повторно звездата ќе свети во Битола и во Македонија. Иако шампионот на Македонија беше под линијата која гарантира директно учество во Лигата на шампионите, ЕХФ ја препозна нашата клупска сериозност. Благодарение на нашата целокупна организација на натпревари од највисок ранг, на нашата прекоректна публика, заедно со нашите верни навивачи „Чккембари", кои секогаш несебично не бодреа до последна секунда и на крај искрено ја честитаа победата на гостите, сосема заслужено ни ја додели „вајлд-картата“ за повторно учество. Ова е само една одговорност повеќе за сите нас да покажеме уште повисоко ниво во сите сегменти од нашиот спорт, вклучувајќи ги и резултатите. Ова е еден огромен чекор напред и со играњето во Лигата на шампионите на македонскиот шампион, успеавме да го задржиме континуираното играње на македонскиот шампион во најдоброто натпреварување“, изјави Ангеловски по ждрепката.

„Зелените“ ќе играат во групата А заедно со Висла, Веспрем, ПСЖ, Фредерициа, Фуксе Берлин, Спортинг и Динамо Букурешт. Новата сезона во ракометната елита ќе стартува во септември 2024 и ќе трае до Ф4-турнирот во јуни 2025 година.