Ангеловски: Беше невозможно да се победи овој Киелце

Битолски Еурофарм Пелистер забележа уште еден неуспех во Лигата на шампионите и од гостувањето во Полска се врати со убедлив пораз од Киелце од 35-25.

По дуелот со европскиот вицешампион, Бранислав Ангеловски истакна дека било невозможно да се стигне до победата, бидејќи противникот одиграл совршено.

„Беше невозможно да се победи против еден од најдобрите тимови во Европа. Ракометарите на Киелце одиграа совршено на овој натпревар. Ние во последните 24 часа загубивме двајца важни играчи. Ако ги имавме тие двајца, ќе можевме повеќе да се бориме“, рече Ангеловски.

Пелистерци до крајот на година ќе одиграат уште еден натпревар во Лигата на шампионите, балканското дерби против Загреб, на седми декември.